Во Србија утрово во 7 часот се отворија гласачките места за вонредните парламентарни избори, на кои повеќе од 6,4 милиони граѓани со право на глас одлучуваат за новиот состав на Народното собрание. Избирачките места ќе бидат отворени до 20 часот, кога завршува гласањето и изборниот молк.
Според податоците на српската Републичка изборна комисија, право на глас имаат 6.451.292 избирачи, кои ќе можат да гласаат на вкупно 8.392 избирачки места. На изборите учествуваат 18 изборни листи со вкупно 2.418 кандидати, кои се борат за 250 пратенички места во српскиот парламент.
Гласање е организирано и за српските државјани во странство, на 93 избирачки места во 37 држави. За гласачите од Косово се определени 60 избирачки места во Врање, Куршумлија, Рашка и Тутин.

Граѓаните од рано утрово во колони редици го остваруваатт своето избирачко право со важечка лична карта или пасош, а гласањето е тајно. На оние што ќе се затекнат на избирачкото место или непосредно пред него во моментот на затворањето ќе им биде овозможено да гласаат.
Изборите беа распишани на 9 септември, кога српскиот претседател Александар Вучиќ донесе одлука за распуштање на Народното собрание, избрано во декември 2023 година, и за одржување предвремени парламентарни избори.






















