Убиецот на велешанката Росица Коцевска од Велес во полиција бил пријавуван уште пред 12 години. Хелсиншкиот Комитет за Телма вели дека дека имаат информации за четири други девојки кои од 2013 година наваму го пријавувале истиот човек дека по завршувањето на врската продолжил да ги малтретира, да ги следи, да им се јавува или да пишува навредливи пораки за нив и нивните блиски на јавни површини.
Една од девојките за „Слободен печат“ раскажала и дел од тортурата што ја преживувала со Илија со кого била во врска околу една и пол година во периодот 2013-2014 година. Девојката споделила дека не можела да се ослободи од него, а тој се заканувал дека ќе се убие ако не му се врати. Во една прилика ѝ го одзел мобилниот телефон, па праќал пораки во нејзино име, а дури се заканил и дека ќе ја убие сестра ѝ.
„Јас тие закани по живот ги пријавив во полиција. Го исконтактираа од таму и ми го врати телефонот. Во тие неколку часа тој се претставил со мое име и праќал мејлови за да ми го уништи професионалниот развој“, раскажува девојката за „Слободен печат“.
И покрај пријавите, малтретирањето не престанало – графити со навреди за неа и нејзини блиски се појавувале низ Скопје, а една вечер, откако била нападната на улица и удрена по главата, завршила во болница.„По 13 години потсвесно ми беше очекувано дека вакво нешто ќе се случи. Полицијата го гледа случајот изолирано, а не во поширок контекст“ – додава девојката.
Адвокатот Јанаки Митровски забележува најмалку три клучни работи кои доведуваат до фемициди во Македонија. Една од нив, според него, е потребата од законски измени со кои насилникот би бил приведен поради опасноста да го повтори дејството.