Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение до Основниот кривичен суд Скопје против едно лице за кривични дела насилство и спречување на службено лице во вршење службено дејствие, откако јавен обвинител ја заврши постапката за прибирање докази.
Според обвинението, на 10 декември обвинетиот извршил грубо насилство врз двајца новинари од дневно-информативниот онлајн медиум „Инфомакс“, како и врз гостин во нивната емисија, со што ги спречил во извршувањето на нивната професионална дејност.
Додека емисијата „Тешки муабети“ се емитувала во живо на YouTube и на социјалните мрежи, обвинетиот преку коментари упатувал навреди и закани кон еден од новинарите, поради критиките изнесени во емисијата кон премиерот. По ова, тој се упатил кон адресата каде што се наоѓало студиото, ја обил влезната порта, ги искршил влезната врата од објектот и вратата од студиото, по што емисијата била прекината.
Еден од оштетените се обидел да го спречи обвинетиот да влезе во студиото, но тој продолжил со викање, навреди и закани по живот, се обидувал и физички да ги нападне присутните, замавнувајќи со рацете и фрлајќи чаша кон нив. Оштетените повикале полиција, а во меѓувреме успеале да го смират и да го изнесат обвинетиот надвор од објектот.
Со насилничкото однесување, обвинетиот предизвикал чувство на страв и несигурност кај оштетените и кај другите присутни лица. Медицинското вештачење покажало дека, и покрај неговата претходна душевна здравствена состојба, делото било извршено во состојба на пресметливост.
Поради тоа, јавниот обвинител доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор, со цел обезбедување на обвинетиот во текот на постапката. Од Основното јавно обвинителство Скопје нагласуваат дека приоритетно постапуваат во сите предмети поврзани со напади врз новинари и загрозување на слободата на говор.

















