Државното јавно обвинителство, поднесе обвинение против осум лица, од кои шест се полициски службеници. Обвинението се однесува на сериозни злоупотреби на службената положба, противзаконито посредување и примање поткуп, со цел овозможување незаконски престој и прибавување дозволи за привремен престој на странски државјани.
Како што соопштуваат од Обвинителството, првообвинетиот заедно со две лица, за кои истражната постапка е во прекин, сториле кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“. Тие, користејќи свое влијание врз двајца полициски службеници, овозможиле на турски државјанин незаконски престој во државата и добивање дозвола за привремен престој, за што примиле награда од 900 евра. Во обвинението е опфатен и виш инспектор за странци и реадмисија, кој од јули минатата година до април годинава, овозможил на седум државјани од Бангладеш и Непал да добијат привремен престој, иако постоеле негативни безбедносни проценки од АНБ. Тој постапил спротивно на Законот за странци и донел решенија за престој заради работа.