Обвинителството ќе проверува дали постојат елементи на кривично дело по наводите што јавно ги изнесе Жан Митрев, доктор и сопственик на Клиника Жан Митрев, дека поранешен премиер и поранешен министер за здравство се обиделе да го принудат да ги продаде сопственичките удели во клиниката.
Од Основно јавно обвинителство Скопје информираат дека предметот е оформен по допрен глас на 21 јануари 2026 година, по што веќе се преземаат дејствија на проверки. Како што наведуваат, целта е да се утврди дали постои евентуално кривично дело кое се гони по службена должност.
Наводите за наводен притисок врз Жан Митрев беа јавно соопштени од него, по што предизвикаа реакции во јавноста и во политичките кругови. Митрев тврдеше дека високи поранешни државни функционери во екот на корона кризата се обиделе да извршат влијание врз него со цел да ги отстапи сопственичките удели во приватната здравствена установа.
Клиниката „Жан Митрев“ со години важи за една од најголемите и најпознатите приватни здравствени институции во земјава, а нејзиното работење и односите со државните институции и претходно биле предмет на јавен интерес. Обвинителството засега не соопштува дополнителни детали, ниту пак открива кои лица се опфатени со проверките.

















