Во тетовско Теарце денеска беа одбележани 25 години од загинувањето на полицаецот Момир Стојановски (29) во 2001 година во тамошната полициска станица која врз која во 2001 година беше извршен терористички напад.
Одборот на бранители на Македонија организираше комеморативен собир за настанот од 22 јануари 2001 кој се смета и почеток на оружениот конфликт во текот на годината. При нападот тешко ранет беше полицаецот Давор Евросимовски, а со полесни повреди добија Борче Ѓуровски и Јахи Лика.
„Ова место, длабоко е врежано во нашата лична и колективна свест. Затоа сме денес тука, да се поклониме на местото на настанот пред оваа спомен плоча, која предупредува и не потсетува на тоа. Момир Стојановски е првиот непребол меѓу останатите бранители во 2001-та година.Тие што го познаваа Момир Стојановски секогаш со гордост се сеќаваат на него како храбар, чесен граѓанин, другар и колега. Тој и сличните на него не ставија на тест да се запрашаме дали е доволно тоа што ние го правиме за нашата држава ако едно толку младо и способно момче ја пролеа и последната капка крв за Македонија. Едно е сигурно-Момир Стојановски стори се за татковината, а ние ќе сториме се тој и сите херои да не бидат оставени на заборавот, истакна Марин Најдов, претседател на Одборот на бранители.
Одборот на бранители ја потсетува јавноста дека одбележувањето се одржува на местото каде што во 2001 година постоела полициска станица, за која веќе повеќе од една деценија има објект на друго место. Објектот каде порано постоела станицата сега е во приватна сопственост па Одборот бара спомен плочата за Момир која се носи за денот на одбележувањето трајно да биде поставена кај новиот објект на полициската станица во Теарце.
„Во оваа прилика сакам да апелирам до Министерот за внатрешни работи да ја разгледа нашата Иницијатива од 07.02.2011 г. оваа плоча да се стави во Полициската станица во с. Теарце, бидејќи ова место каде во тоа време била Полициската станица денес е приватен имот, а и условите не се соодветни за овој чин, истакна Марин Најдов.
Пред спомен плочатата на Момир Стојановски беше оддадена почит со минута молк, а беше положено цвеќе од Одборот на бранители, СВР Тетово, политичка партии и организации.

















