Опозициската СДСМ денеска изјави дека нема да ја политизира трагедијата во Кочани и нема да печали на неа, но вели дека институциите мора да да одговорат на многу прашања за кои јавноста очекува одговор. Организацискиот секретар на партијата, Мартин Костовски, рече дека по трагичната загуба на 59 животи „како партија одлучивме да молчиме и да не политизираме. Решивме да не додаваме сол на раната на семејствата на починатите. Тоа беше одговорно и човечки“.
Но партијата стравува дека истрагата ќе биде селективна.
Дали е точно дека:
Ниеден од командирите, инспекторите, и раководството на БЈБ и МВР во ОВР Кочани и СВР Штип, кои мора да знаеле што се случува, не е во притвор?
Дали и против кој од нив се води истрага? И ако не се води, како е возможно да не се истражуваат лица кои вечерта биле на одговорни позиции, со должност и овластување да реагираат – но не го сториле тоа?
Дали е точно дека сите седум вработени во МВР, кои се моментално во притвор, не биле на функции во денот на пожарот во дискотеката?“
Костовски нагласи дека според законот за јавните собири е одговорна полицијата. Според информациите на овој настан имало 650 луѓе. Согласно законот, полицијата била должна да има оперативни сознанија за настанот и соодветно да го обезбеди овој настан дури и во случај ако тој не е пријавен од организаторот. МВР во Кочани тоа не го направило.
„Од снимките вечерта се гледа дека полицијата била присутна во објектот. Ова значи дека знаеле за настанот, но не го обезбедиле соодветно.
Со ова се поставува прашањето, дали сите надлежни од МВР таа вечер сториле кривично дело со несторување односно непостапување? Дали се изземени од одговорност службеници, началници и командири кои вечерта биле на должност? Доколку истрагата во продолжение не ги опфати и нив, СДСМ со својот правен тим ќе поднесе соодветни кривични пријави.
Ова е последен повик до институциите: направете го она што ви е должност. Немојте да терате селективна правда. Токму тоа е она против кое се борат граѓаните“, рече Мартин Костовски.