На денешното продолжение на судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, кое ја потресе јавноста во ноември 2023 година, главниот осомничен Љупчо Палевски повторно сведочеше пред судот, негирајќи ја својата вмешаност во злосторството и тврдејќи дека доказите против него се фабрикувани.
Во своето сведочење, Палевски ја оспори логиката на обвинителниот акт, тврдејќи дека Обвинителството создава погрешна слика за случајот. Според него, доколку мотивот бил имотен, мета на нападот би била мајката на Вања — Зорица Ѓорчевска — а не самата Вања.
„Класичен криминален ум ако е во релација со таткото кој веќе го поседува станот во зградата „Фонтана“ и е законски наследник, криминалниот ум би ја убил Зорица, а не Вања Ѓорчевска затоа што целокупниот имот на тоа семејство, заедно со депозитот од 30.000 евра во банка и новото возило ќе прејдат во владение и 50 проценти сопственост на законскиот старател Александар“, рече Палевски.
Тој го обвини Обвинителството дека ги местело доказите, посочувајќи на, како што ги нарече, „очигледни фалсификати“ во истрагата.
„Фалсификатите во оваа истрага се очигледни, а во овој случај на Ерол Османи, грешката која ја направило ОЈО е што прво го сослушала Ерол Османи, му зела изјава, напишала обвинение со лажна изјава со која се негира 22.11.2024 како критичен ден, моето тврдење дека на тој ден е правен сервисот, а вештачењето на телефонот е направено многу подоцна по моето доаѓање и екстрадиција од Република Турција, тоа е грешката со која јас го докажав овој лажен исказ“, кажа Палевски.
На прашање дали некогаш лично го познавал Панче Жежовски, тој категорично одговори дека не го познава, ниту имал било каков контакт со него — ниту директен, ниту индиректен.
Во претходните рочишта, мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, сведочеше дека поседувала неколку недвижности — станови во Капиштец и Аеродром, како и мал имот во Охрид, наследени од нејзините родители. Исто така, потврди дека продала стан од 80 квадрати на улица „Бојмија“ за 83.000 евра, со што затворила долгови, купила возило и реновирала друг стан.
Дополнително, таа наведе дека зградата на улицата „Наум Наумовски Борче“, каде што се поврзуваат некои од настаните во истрагата, е во сопственост на компанијата „Упа ентерпрајз“.