Фудбалската приказна на Панче Ќумбев започна уште на осумгодишна возраст во пионерската школа на Борец, под водство на легендарниот Лазар Ќуринов, а вистинскиот печат во неговото созревање го остави тренерот и педагог Тоше Нацев. Од деби во првиот тим на велешкиот клуб на само 17 години, преку трофеите и репрезентативниот дрес со прилепска Победа, па сè до седумгодишната авантура во Полска со Гроцлин и Легија Варшава, Ќумбев во новогодишното интервју за Батали.нет зборува за патот исполнет со успеси, искуства и жртви, но и со загриженост за состојбата на спортот во Велес и пораката до младите дека без чесност, работа и посветеност – нема голем резултат.
Батали.нет: Новата година секогаш враќа на почетоците. Како денес се сеќавате на првите фудбалски чекори во Борец и што ви даде велешката школа за сè што следеше понатаму?
„Прв тренер во пионерската школа на ФК Борец ми беше легендата Лазар Ќуринов кој за жал не е повеќе меѓу нас. Но најголем печат на мојата младинска кариера остави тренерот Тоше Нацев кој не само што беше одличен тренер туку беше и одличен педагог и ни беше на сите како втор татко. Во првата екипа на ФК Борец заиграв на свои 17 години под водство на Трајче Ковачев. Се до мојата 20 та година играв во Борец од каде што направив трансфер во Фк Победа Прилеп“.
Батали.нет: Борец беше ваша основа, но значаен печат оставивте и во прилепска Победа. Што сè освоивте таму и каде ја сместувате Победа во вашата фудбалска кариера?
„Прилепска Победа и самиот град Прилеп засекогаш ќе ми останат во добро сеќавање. Преку дресот на прилепска Победа заиграв и за младата репрезентација а подоцна и за сениорската репрезентација на Македонија. Прилеп е град кој што многу го сака фудбалот а Победа е миленик а сите прилепчани. Таму поминав прекрасни 4 години“.
Батали.нет: Победа во тие години беше сериозен фактор во македонскиот фудбал. Кој трофеј или сезона од Прилеп најмногу ви останаа во сеќавање и зошто?
„Со Победа освоив еден куп трофеј и едно првенство на Македонија. Секако овие трофеи ми се многу драги и оставија голем белег во мојата кариера. Секако финалето на Купот на Македонија во 2002 година ми е многу драго затоа што во интересен натпревар Победа ја совлада Цементарница а јас бев еден од стрелците на головите“.

Батали.нет: Дел од кариерата ја минавте и во Полска. Какво искуство беше настапувањето во полскиот фудбал и што беше најголемата разлика во однос на она што го оставивте дома?
„Во 2004 та година заминувам за Полска во екипата на Гроцлин-Дискоболија. Секогаш велам дека Полска ми е втора татковина затоа што таму поминав 7 години во екипите на Гроцлин и на Легија Варшава. Сериозна лига, многу тешка и физички многу напорна. Меѓутоа прекрасно искуство и врвен професионализам. Како голем спомен ми се освоените два купа на Полска и еден лига куп на Полска со екипата на Гроцлин и еден супер куп со екипата на Легија Варшава. Секако дека споредбата на нашето домашно првенство со полското е невозможно затоа што се работи за два различни фудбалски света и голема разлика во условите и финансиите“.
Батали.нет: Кога ќе направите споредба меѓу тогашниот и денешниот фудбал, дали денешните играчи имаат повеќе можности или повеќе предизвици?
„Има голема разлика од тогашниот со денешниот фудбал. Денес играчите се позаштитени и од судиите и од самиот ВАР систем. Меѓутоа секое време си носи свои предизвици и секако дека секој во свое време го давал својот максимум за успех и прогрес во кариерата“.
Батали.нет: Денес сте надвор од теренот, но не и далеку од спортот. Со што моментално се занимавате и дали фудбалот сè уште е дел од вашето секојдневие?
„Сеуште трчкараме ако може така да се рече но секако во ветеранска форма затоа што и самите години и самите за жал повреди низ кариерата си го земаат данокот. Секако без фудбал не се може и секојдневно следам се што се случува како во нашиот така и во светскиот фудбал“.

Батали.нет: Како поранешен фудбалер со богато искуство, како ја оценувате состојбата на спортот и фудбалот во Велес денес – каде сме, а каде треба да бидеме?
„Состојбата на спортот во Велес е на ниско ниво за жал. Освен одбојката и футсалот немаме друг спорт во кој се натпреваруваме во Прва лига. Меѓутоа за врвен спорт треба и големи финансии а за жал кај нас тоа го нема. Се надевам дека еден ден тоа ќе се смени и големите компании и фирми ќе вложуваат во спортот затоа што спортот е излез на младината во подобра и здрава иднина“.
Батали.нет: За крај, новогодишно прашање: што им посакувате на младите велешки спортисти и што е најважната лекција што ја научивте од спортот, а важи и за животот?
„Пред се би им посакал добро здравје затоа што тоа е основен фактор за голема кариера. Многу работа и многу посветеност како во спортот така и во животот. Само со голема работа се доаѓа до посакуваната цел. И најважно од се дс бидат чесни и поштени прво спрема самите себеси а после према сите други. Среќна Нова година и многу здравје и успех ви посакувам на сите“.





































