Ракометните пионери на РК Гемиџии од Велес не успеаја да ја сочуваат својата предност на гостувањето во Радовиш и наместо победа, мораа да се задоволат со еден бод, откако натпреварот заврши нерешено 26:26.
Иако Гемиџии водеа речиси цел натпревар и на само минута и 20 секунди до крај имаа позитива од три гола (23:26), неискуството и брзоплетите одлуки во завршницата, заедно со агресивната одбрана на домаќините, резултираа со драматично реми.
Првото полувреме мина во знакот на гостите од Велес, кои заминаа на одмор со предност од 9:12. Тие одржуваа контрола и темпо во текот на целиот натпревар, но не успеаја да издржат до крајот.
Во редовите на домаќините, најрасположени за игра беа двојката Ѓорѓиеви – Давид и Ѓорѓи, кои постигнаа по 12 гола , додека кај Гемиџии, најдобри поединци беа Бојан Мартинов со 8 и Андреј Наумов со 7 голови.