Најдобрите македонски кајакари не успеаја да го повторат добриот настап од квалификациите на Светското првенство за јуниори и натпреварувачи до 23 години во Краков.
Ангел Петрушев разочара во полуфиналната трка, откако заврши на 21. место со заостанување од 6,72 секунди зад победникот, Италијанецот Хабиер Фераци. Од пласман во финалето го делеа само 2,03 секунди.
Резултатот е далеку под очекувањата ако се има предвид дека во квалификациите, пред два дена, Петрушев го имаше второто најдобро време меѓу 80 натпреварувачи и најави борба за медал.
Потфрли и Стефан Рибарски, кој во полуфиналето го освои 23. место, со што остана без можност да се бори за висок пласман во финалната трка. И тој претходно обезбеди место меѓу најдобрите преку успешниот настап во квалификациите, но не успеа да го повтори тој резултат кога беше најпотребно.






















