Ози Озборн, мрачниот, демонски главен пејач на пионерскиот бенд „Блек Сабат“, кој стана грлестиот, ‘ржечки глас на хеви металот (и опустошен од дрога и алкохол), почина вчера, само неколку недели по неговата проштална свирка во Бирмингем, Британија. Имаше 76 години. Во 2020 година, тој откри дека има Паркинсонова болест откако доживеал пад.
„Со поголема тага отколку што можат да пренесат само зборовите, мораме да објавиме дека нашиот сакан Ози Озборн почина утрово. Тој беше со своето семејство и опкружен со љубов. Ве молиме сите да ја почитувате приватноста на нашето семејство во овој момент“, се вели во соопштението на семејството.
Пејачот кој беше или облечен во црно или со голи гради, често беше цел на родителски групи поради неговата иконографија, а еднаш предизвика скандал затоа што одгриза глава од лилјак. Подоцна, тој ќе се открие како треперлив и сладок татко во реалното ТВ шоу „Озборнови“.
Дебитантскиот албум на „Блек Сабат“ од 1969 година, кој го носи истото име, е спореден со Големата експлозија на хеви металот. Се појави за време на врвот на Виетнамската војна и ја сруши хипи забавата, полн со закана и злокобност. На омотот на плочата имаше морничава фигура во суров пејзаж. Музиката беше гласна, густа и лута, и означи пресврт во рокенролот.
Вториот албум на бендот, „Параноид“ вклучуваше класични метал мелодии како „Воени свињи“(War Pigs), „Ајронмен“(Iron Man) и „Самовилите носат чизми“ (Fairies Wear Boots). Песната „Параноид“ достигна само 61-во место на „Билборд жешки 100“, но во многу погледи стана препознатлива песна на бендот. И двата албума беа изгласани меѓу 10-те најдобри хеви метал албуми на сите времиња од читателите на списанието „Ролинг стоун“.
На 6 јули, Ози Озборн и „Блек Сабат“ се простија од фановите во голем стил на спектакуларен десетчасовен музички настан во Бирмингем, што беше спореден со „металски Лајв ејд“. Некои од најголемите метал и рок бендови и музичари се собраа на стадионот „Вила парк“ за да им оддадат почит на основоположниците на тврдиот звук, свирејќи свои и хитови на „Сабат“ пред 40.000 фанови на самото место и огромната публика која го следеше настанот преку стриминг.
Поради хроничните проблеми со грбот и Паркинсоновата болест, 76-годишниот Озборн пееше седејќи на црн престол. Тој изведе пет песни од својата соло кариера, а потоа ѝ се придружи на оригиналната постава на „Сабат“, која се обедини на сцена за првпат по 20 години.
„Убаво е повторно да се биде на сцена. Немате претстава како се чувствувам. Ви благодарам од дното на моето срце“, кажа Озборн.