Министерот за здравство и еден од лидерите на коалицијата „Влен“, Арбен Таравари, е подготвен не само за грбот туку во пакет да се разговара за менување и на химната и на 20 отсто Албанци, но и за други нерешени етнички прашања. Неговиот став е дека во пакет треба да се решат овие прашања што останале нерешени во последните 30 години за да може да се посветиме на економијата, антикорупцијата и на евроинтеграциите.
„Интересно прашање. Факт е дека Македонија е една од ретките посткомунистички држави, каде што химната и грбот не се сменети. Можеби се една или две држави, освен Македонија. Јас зборувам во име на ‘Влен’, ние сме подготвени да седнеме и да разговараме за сѐ. За жал, во минатиот период повеќе чувствителни теми се ставаа под тепих и некако се скриваа, не сакавме да се соочиме. Подготвени сме да разговараме за пакет-мерки, кои се останати нерешени во минатите дваесет, триесет години и така и да ги решиме. Тука да бидат и грбот и химната и 20 % и други ако има етнички прашања и да се фокусираме, да се концентрираме веќе на економијата, антикорупцијата, евроинтеграциите, тоа што ни се најбитни теми оти луѓето најмногу ова ги интересира – подобри плати и подобар живот“, рече министерот Таравари по отворањето на новиот педијатриски пункт во Поликлиниката „Бит-пазар“.
Темата за тоа кој симбол треба да стои на новиот грб, Таравари рече дека сѐ уште не ја отвориле и уште еднаш нагласи дека е добро да се отворат сите теми и да се најдат решенија наместо тие да се оставаат за понатаму.