ППК Борец ТИМ без пораз есенски шампион, велешкиот клуб доминира во Првата пингпонгарска лига

Со максимален учинок, силен карактер и јасна визија за иднината, ППК Борец Тим ја заокружи есенската полусезона како неприкосновен лидер во Првата пингпонгарска лига на Македонија. Девет натпревари, девет победи и скор 9:0 се најдобра потврда за квалитетот, хемијата и искуството на велешкиот состав, предводен од капитенот и спортски директор Вили Ангелов. Во новогодишното интервју за Батали.нет, Ангелов зборува за доминацијата на Борец Тим, клучните дерби мечеви, меѓународните настапи, работата со младите и јасните шампионски амбиции во 2026 година.

Батали.нет: Борец ТИМ ја заврши есенската полусезона без пораз и како првак во Првата пингпонгарска лига. Колку оваа позиција е резултат на планска работа, а колку на хемијата во екипата?

Agria

„Пингпонгарскиот клуб Борец-Тим е есенски шампион во првата пингпонгарска лига на Македонија и тоа со максимален број на победи и скор 9:0. На сите натпревари нашиот клуб беше убедлив и на противниците не им се даде минимална шанса за победа. Ова е резултат пред се на вистинскиот избор на играчи со одличен квалитет и големо искуство. Меѓу сите првотимци владее големо другарство и одлична хемија меѓу нив. Најголемиот товар во настапите го понесоа: Вили Ангелов – капитен на екипата, Васко Манасијески и Христијан Јованов“.

Батали.нет: За читателите кои поретко го следат пингпонгот – како изгледа системот на натпреварување во Првата лига? Колку кола се играат и што најчесто го решава шампионот?

„Првата пингпонгарска лига се игра по систем секој со секого и тоа двокружно. Лигата брои 10 клубови и вкупно се играат 18 натпревари (есенски и пролетен дел). Сите средби се играат во Скопје и тоа во салата Јане Сандански во беспрекорни услови за натпревари. Шампионот најчесто го решава квалитетот на екипите со најдобро избалансиран состав. Екипата се состои од три играчи со право на една измена. Се игра по систем подобар од 7 или екипа која ќе дојде до 4 победи го добива мечот. Во случај на нерешен резултат (3:3) во поединечните мечеви, победникот се решава со меч во двојки. Секој натпревар се игра по принцип подобар од 5 сета“.

Батали.нет: Кои беа клучните мечеви во есенскиот дел каде што се виде вистинскиот карактер на Борец ТИМ?

„ППК Борец Тим во есенската полусезона одигра 9 натпревари и на сите беше убедлив и оствари девет победи. Сепак можеме да издвоиме два меча и тоа со ППК Рисови од Скопје и ППК Пелистер од Битола на кои имаше одлични натпревари. Иако противниците имаат одлични состави и тоа со странски играчи како и со повеќекратни прваци на Македонија сепак беа далеку од успех против велешкиот клуб. На овие дерби средби се виде вистинскиот карактер на играчите, а со тоа и на велешкиот состав“.

Батали.нет: Освен лигашките натпревари, екипата настапува и на турнири. Каде сè игравте досега и колку тие настапи значат за формата и искуството на играчите?

„ППК Борец Тим е клуб кој освен во првенството учествува и на голем број домашни и меѓународни турнири како и на државни првенства во поединечна конкуренција и во игра на парови. Како најзначајни настапи ги издвојуваме: турнирот во Куманово, Кратово, Гевгелија, Струмица од кои редовно се враќаме со трофеи и медали. На меѓународен план можеме да ги издвоиме многу силните турнири во Лерин – Грција, Урошевац и Приштина – Косово и Ниш  – Србија. Во Урошевац бевме екипа која освои најмногу медали и трофеи во поединечна конкуренција и во игра на парови. Како резултат на тоа добиме покана (единствени од Македонија) за учество на силниот турнир во Алгеро (Сардинија) – Италија, на кој учество земаа преку 300 играчи од преку 30 држави од целиот свет. Таму бевме најмногубројна екипа а имавме и голема поддршка од нашите симпатизери. Сите овие настапи се од огромно значење за формата на екипата и за стекнување на искуство“.

Батали.нет: Борец ТИМ сè почесто се споменува и надвор од Македонија. Дали имате настапи или покани за меѓународни турнири и што значи тоа за еден клуб од Велес?

„И за наредната 2026 година веќе имаме голем број на покани за учество на турнири како и на турнирот во Алгеро каде што веќе сме редовни учесници. За еден клуб од нашиот град сите овие настапи не прават исклучително посветени и горди што ги браниме боите на клубот, а со тоа и на македонскиот спорт во целост“.

Батали.нет: Колку младите во Велес го сакаат пингпонгот? Има ли интерес, нови членови и организирани тренинзи за помладите категории?

„Пингпонгот важи за најтежок спорт за совладување меѓу сите спортови. Ова е официјален податок од NASA. За да се создаде еден просечен играч потребни се четири години макотрпни тренинзи кои често се и монотони со безброј повторувања на пингпонгарските елементи. Како резултат на ова во нашиот град има многу слаб интерес меѓу најмладите велешани. Моментално Борец-Тим има стабилна јуниорска екипа во машка конкуренција и тоа: браќата Лука и Матеј Стојанови и Димитар Николов“.

Батали.нет: Дали младите што тренираат во Борец ТИМ веќе се натпреваруваат на официјални натпревари и дали некои од нив ги гледате како идни прволигаши?

„Нашиот клуб го има најдобриот тренер за работа со млади играчи – Љубомир Манев. Младите јуниори имаат одлични услови за тренинзи со тоа што вратите на клубот се отворени секојдневно во периодот од 09:00 до 21:00 часот. Јуниорската екипа се натпреварува во лига системот на прва јуниорска лига на Македонија. Во конкуренција на 11 екипи во есенскиот дел се пласираа на одличното 5-то место. Јуниорите иста така учествуваат и на сите државни првенства во своите категории. Со своите настапи тие чукаат на вратата на првиот тим, посебно браќата Стојанови. Најмладиот наш јуниор Матеј Стојанов со своите 12 години е член на македонската репрезентација до 15 години и како резултат на неговите настапи и успеси беше прогласен за најдобар млад спортист на Велес за 2025 година.“.

Батали.нет: На почетокот на новата година – кои се амбициите за пролетниот дел од сезоната и што би значела шампионската титула за клубот и за пингпонгот во Велес?

„Амбициите на ППК Борец Тим во пролетниот дел се јасни, а тоа е освојување на првото место и шампионската титула. Се надеваме дека ова ќе значи уште поголем подем за клубот, а воедно и за пингпонгот во Велес кој има повеќе децениска традиција во овој спорт“.


Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: