Екипата на Превалец ремизираше 1:1 на гостувањето кај Бучин, во натпревар од 5. коло. Велешани имаа можност да ги освојат сите три бода, но не го искористија пеналот во финишот на средбата.
Домашниот состав беше подобар во првото полувреме, а тоа го круниса со водечкиот гол на Зоран Мирчевски во 20. минута. Во продолжението Превалец заигра многу подобро и во 52. минута стигна до израмнување преку Филип Мијалковски.
Велешани можеа да направат целосен пресврт, но Марио Панев не го реализираше досудениот пенал во продолжението од натпреварот, па резултатот остана непроменет.
„Лошо прво полувреме и многу добро второ полувреме. Сепак, немавме среќа за целосен пресврт на натпреварот“, изјави тренерот на Превалец, Димче Маневски.
По некомплетното 5. коло, Превалец се наоѓа на четвртата позиција на табелата со освоени 10 бода.

























