ПСЖ го прегази Интер и ја освои првата титула во Лигата на шампионите

PSG SAMPION LS

Пари Сен Жермен синоќа во Минхен испиша историја победувајќи го Интер Милано со убедливи 5-0 во финалето од Лигата на шампионите. Ова е првпат францускиот гигант да го освои најпрестижното европско клупско натпреварување.

Натпреварот беше целосно во знакот на тимот од Париз, кој од самиот почеток наметна темпо и не му даде простор на италијанскиот првак. Првиот погодок го постигна Ашраф Хакими во 12. минута, а до крајот следеа уште четири – два од младиот Дезире Дуе, еден од Квича Кварацхелија и еден од Сени Мајулу.

Agria

„Ова е неверојатно чувство. Благодарност до сите што беа со нас. Ова е историски момент за клубот и за мене лично“, изјави Дезире Дуе, кој беше прогласен за играч на натпреварот.

Тренерот Луис Енрике, кој ја освои својата втора Лига на шампиони по триумфот со Барселона во 2015 година, истакна:

„Од првиот ден реков дека целта е титула. Го направивме тоа на најдобар можен начин – со стил, со резултат и со моќ. Честитки за сите мои фудбалери.“

Од таборот на Интер разочарување, но и признавање на поразот.

„Секако дека сме разочарани, но мора да признаеме – ПСЖ беше супериорен. Нивната победа е целосно заслужена“, изјави голманот Јан Зомер по натпреварот.

Со оваа победа, ПСЖ ја заокружи сезоната со тројна круна – домашната лига, Купот на Франција и Лигата на шампионите, станувајќи првиот француски клуб што го постигнал овој успех.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: