Утринава дојде до пукање во техничко училиште во Крагуевац, Србија. Според првичните информации, ранети се две жени вработени во службата за хигиена. Како што пренесува порталот Nova.rs, млад човек пукал кон нив од пушка.
Училишната зграда и околниот простор се блокирани, а на лице место се распоредени полициски сили и припадници на Жандармеријата. Министерството за внатрешни работи сè уште нема издадено официјално соопштение во врска со инцидентот.
Пукањето се случило околу 8 часот, додека траела наставата. Според локалниот портал „Глас Шумадије“, станува збор за ученик во училиштето, најверојатно матурант.
Едната вработена била погодена во ногата додека седела во училишната портирница, а другата се здобила со повреди од куршум што се одбил од нешто.
Од Итната медицинска помош потврдија дека околу 8 часот и 5 минути добиле повик за пукањето. Две медицински екипи веднаш заминале во училиштето и им укажале помош на повредените работнички.




















