Радевски: Женската одбојка се врати во Велес – резултатите нека почекаат, иднината веќе се гради

По подолга пауза, женската одбојка повторно живее во Велес, а 2025 година за ЖОК Виола Волеј беше година на храбар почеток, многу предизвици и уште повеќе надеж. Тренерот Милан Радевски вели дека пријавувањето во Втората лига со исклучително млада екипа не било лесна одлука, но проектот веќе дава резултати – особено кај младите категории, каде пионерките се без пораз, а клубот чекор по чекор ја гради иднината на женската одбојка во градот.

Батали.нет: Годината што изминува беше особено значајна за одбојката во Велес – како Вие лично ја оценувате 2025 година за Виола Волеј?

Agria

„2025 беше прилично успешна за нашиот клуб. Пријавувањето на екипата во Втора лига во женската одбојка беше особен предизвик за нас како клуб, со оглед на фактот дека располагаме со прилично млади девојки кои што немаат доволно искуство и спојувањето и разигрување со повозарсните девојки кои што имаат направено пауза од неколку години. Сепак овој проект се покажа прилично добро каде што помладите девојки добија шанса и повекје натпревари каде што позитивниот резултатот веќе почна да се забележува особено во помладите категории (пионерки)“.

Батали.нет: По подолга пауза, женската одбојка повторно се врати на терените во Велес. Колку беше тешко да се возобнови екипата и со какви предизвици се соочивте?

„Овој проект беше замислен уште пред една година меѓутоа подготовките се одвиваа доста отежнато. Прво спојувањето и разигрување на играчите со кои располагаме, замислата ни беше една, но реалната ситуација сосема друга. Моравме да импровизираме на одредени позиции каде што сеуште вршиме одредени промени. Отежнатите услови за тренинзи кои што ни се во доцните часови дополнително ни влијаат на квалитетот оваа сезона, но се надеваме дека во иднина нема да го имаме овој проблем повеќе“.

Батали.нет: Виола Волеј моментално се наоѓа на 9. позиција во Втората одбојкарска лига за жени – дали овој пласман е во рамките на очекувањата?

„Уште на почетокот на сезоната главната цел ни беше стекнување на поголемо искуство на помладите девојки, реално имаме девојки на возраст од 13 -14 години кои што играат активно во оваа лига и каде што во вториот дел ќе пријавиме повеќе играчи на оваа возраст. Резултатот не ни е толку битен и главната цел ни е градење на екипа која што во наредните години треба да дава резултати“.

Батали.нет: Кои се главните амбиции на клубот на сениорско ниво во наредниот период?

„Почетокот е секогаш најтежок но првиот чекор веќе го направивме, сега останува делот каде што треба да се усовршиме на одредени позиции и играчи со цел за подобри резултати. Фактот дека нашите повозрасни девојки Николина Грујова и Јована Драскачева се клучни играчи во екипата кои што се активно вклучени во усовршувањето и подобрување на помладите девојки е од големо значење, особено од нашиот капитен Николина Грујова, која што има големо искуство. Играше во Прва лига за Јанта Волеј и Работнички, нејзиното искуство сега се пренесува на помладите генерации и е од особено значење“.

Батали.нет: Младите категории бележат одлични резултати, пионерките се без пораз во група 2 – што стои зад овој успех?

„Желбата за докажување и посветеноста на секој еден тренинг е клучниот фактор кој што стои позади овој резултат. Дел од младите девојки веќе имаат големо искуство и голем број на одиграни натпревари со што дополнително придонесува за остварување на оваков успех“.

Батали.нет: Колку е важна работата со младите категории за иднината на женската одбојка во Велес?

„Работата со младите категории е најтешка но најбитна за градење на квалитенти играчи. Моментално располагаме со голем број на девојки особено во младите категории кои што остваруваат најдобри резултати во Велес. Интересот за женската одбојка е голем и веќе поседуваме групи на девојки кои што се значително помали и не се натпреваруваат во државни лиги, но се со голем потенцијал и квалитет кој што допрва треба да се истакне“.

Батали.нет: Со каква визија и цели влегувате во новата година – што може да очекуваат навивачите на Виола Волеј во 2026?

„Нашата цел е да се издигне женската одбојка на повисоко ниво во Велес, каде што ке може да се надигрува со сите клубови од државата. Процесот е веќе започнат но треба време, ние сме убедени дека со активна работа и упорноста на нашите девојки ќе донесе големи резултати на кои Велес како град повторно ќе се најде помеѓу најдобрите во женската одбојка. Секако дека поддршката од нашите навивачи, од општината и од одредени структури се зголемува постојано и ние неопходна за да функционираме подобро“.

Батали.нет: Која е Вашата новогодишна порака до одбојкарките, спортската јавност и љубителите на одбојката во Велес?

„До нашите одбојкарки: продолжете да играте со срце, дисциплина и верба во себе. Вие сте пример дека со труд и заедништво се постигнуваат големи резултати. Секој тренинг и секој натпревар ја носи гордоста на градот. До спортската јавност и сите љубители на одбојката во Велес: бидете поддршка, бидете гласни и обединети. Кога стоиме зад нашите спортисти, создаваме победничка енергија и иднина со успех. Заедно сме посилни. Нашиот град, нашата гордост“.



Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: