Се одигра 8. коло од Општинската фудбалска лига Велес, во кое лидерот Раштани Спорт 2025 ја продолжи победничката серија, додека Горски оствари значајна победа на гостувањето кај Плавник.
Раштани Спорт минимално со 1:0 го совлада Врановци. Стрелец на единствениот гол беше Даниел Трајковски, со што лидерот стигна до 19 освоени бодови и ја задржа првата позиција на табелата.
Највозбудливо беше на дуелот меѓу Плавник и Горски, кој заврши со победа на гостите од 2:3. Плавник поведе преку Ермин Рамаданов во 32. минута, но Горски веднаш возврати со голот на Аријан Колашинац во 34. минута. Антонио Китановски во 52. минута донесе пресврт, а Стефан Панов во 81. минута зголеми на 1:3. Кадир Куртишов во 82. минута намали на 2:3, но домаќините не успеаја да стигнат до бод.
Согле на домашен терен ја совлада Локомотива Градско со 2:1. Семи Таировски во 13. минута го отвори резултатот, а Стефан Илиев во 75. минута израмни за гостите. Победата на Согле ја донесе Иса Рушидов во 85. минута.
Младост 1976 славеше против Бузалково со 3:1. Беркан Џемаилоски во 44. минута им донесе предност на гостите, но во второто полувреме следуваше целосен пресврт. Оливер Трајановски израмни во 71. минута, а Николче Јавашев со два гола, во 73. и 81. минута, ја потврди победата на Младост.
Форца Нова со 3:0 ја совлада Тополка. Зоран Трјков во 22. минута го постигна првиот гол за домашниот состав. Лука Ристов зголеми во 27 минута , додека конечниот резултат го постигна Антонио Јорданов во 81 минута.
На табелата по осум одиграни кола, Раштани Спорт 2025 е лидер со 19 бодови, пред Горски со 15 и Тополка со 13 бодови. Форца Нова со 12 бодови се искачи на четвртата позиција, додека Врановци останува на 11 бодови.




















