Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање повика на итна одговорност и оставки од министерот за здравство и министерот за внатрешни работи, поради, како што рече, несоодветното справување со пожарот во депонијата во Трубарево и загрозувањето на здравјето на граѓаните.
Тој нагласи дека е неопходна детална анализа на сите институции и депонии кои што функционираат во државата, со цел да се превенира евентуална следна еколошка или здравствена криза.
„Имаат ли сите депонии лиценци? Сите ли се на доволна оддалеченост од населените места? Работи ли некој нелегално со отпад? Од каде се увезува отпад во земјава? Конечно, да знаеме што точно се случува во тој сектор“, праша Филипче, додавајќи дека Владата не презела ништо конкретно по овие прашања.
Воедно, тој посочи дека е потребна темелна анализа и на работата на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, за кои тврди дека не ги исполниле ветувањата дадени пред четири години.
„Зборуваа за расчистување на депониите и изградба на паркови на тие места. Ајде да видиме до каде се со таа работа. Дали воопшто почнале да реализираат дел од тие ветувања? Еве завршува мандатот на нивните градоначалници. Сè што ветија е полошо, и сега гледаме трагични ситуации кои сериозно го загрозуваат здравјето на граѓаните“, додаде претседателот на СДСМ.