Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија денеска реагира на знамето кое беше употребено во музичко-сценски настан „Силно светнал ден“, што се одржа во Охрид како дел од програмата за одбележување на 35-годишнината од независноста на Македонија. Од партијата посочуваат дека погрешеното македонското знаме е срам и ново понижување кое доаѓа од власта на премиерот Христијан Мицкоски.
„На официјална државна прослава за 35 години од независноста, платена со огромни суми пари од граѓаните, власта на Мицкоски го утна македонското знаме. Срамно и понижувачки. Тендер патриотите го покажаа своето лице“; велат од СДСМ.
Од партијата побараа од Владата да објави која компанија била ангажирана за организација на настанот, а кој бил задолжен за сценографијата и визуелниот идентитет. Опозицијата бара одговор и на прашањето колку пари се потрошени за настанот, како и кој ќе ја понесе одговорноста за грешката.
„Тие знаат само за тендери, проценти, провизии, кога е државноста во прашањето, македонските национални симболи, тогаш појма немаат. За тендери и провизии од милионски бизниси – тие се експерти. За македонско знаме – аматери. Неспособни се македонското државно знаме да го направат како треба. Владата сега да излезе пред граѓаните и да каже: Која компанија била ангажирана? Кој бил задолжен за сценографијата и визуелниот идентитет? Колку пари се потрошени? Кој ќе понесе одговорност за ваквото понижување на македонскиот државен симбол?“, велат од опозицијата.
Музичко-сценскиот спектакл по повод 35 години независност се одржа синоќа на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид.






















