На помошното игралиште во Велес денес работеа градежни машини, кои се ангажирани на уредување на теренот по барање на Општинскиот фудбалски сојуз (ОФС) Велес до Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Со овој зафат, теренот треба да се стави во целосна функција за пролетниот дел од сезоната, со што екипите од Општинската фудбалска лига ќе можат да ги одигруваат своите натпревари во подобрени услови. Дополнително, уредениот терен ќе биде искористен и за тренинзи на младите фудбалски категории, што ќе придонесе за развој и афирмација на младите спортски таленти во градот.
Од ОФС Велес изразија благодарност до ФФМ за поддршката и најавија дека ќе продолжат со активности насочени кон подобрување на спортската инфраструктура во Велес.

















