Постапувајќи по поднесена кривична пријава, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против шест лица, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „Неовластено изработување и пуштање во промет на наркотична дрога, психотропни супстанции и прекурсори“. Истражната постапка се темели на докази обезбедени врз основа на документација доставена од Министерството за внатрешни работи, како и од документација од оформен предмет на Јавното обвинителство за организиран криминал на Република Србија добиена преку меѓународна правна помош.
Според наводите во наредбата, осомничените, заедно со други засега неидентификувани лица, во неутврден период од 2025 година до крајот на јануари 2026 година, се здружиле со цел неовластена продажба и пуштање во промет на наркотична дрога – кокаин и марихуана. Секој од членовите на групата имал јасно определена улога при преземање, држење и пренесување на наркотичната дрога марихуана, заради нејзина понатамошна неовластена продажба. Двајца од осомничените, за кои српското обвинителство за организиран криминал води постапка, заеднички и по претходен договор со првоосомничениот во овој предмет кој е сопственик на правно лице од Скопје, како и со други неидентификувани лица, организирале набавка на наркотична дрога марихуана и нејзино повеќекратно транспортирање од Република Северна Македонија до Република Србија со товарни возила, заради натамошна продажба.
Во исто време, во атарот на селото Сарамзалино, останатите петмина осомничени на паркинг простор кај локалната црква во селото извршиле претовар на царинета стока од товарно моторно возило со приклучно возило, во друго товарно моторно возило. Потоа, осомничените заминале за Свети Николе каде во испразнетото товарно возило биле натоварени кутиите со сув цвет од канабис. По извршениот утовар, осомничените на кои претходно им беше определен краткотраен притвор со товарното моторно возило и приклучното возило, заедно со уште тројца осомничени со ПМВ, се упатиле кон граничниот премин Табановце и ја напуштиле државата.
На 14.01.2026 година, во 03:41 часот, товарното моторно возило се исклучило од автопат и се упатило кон селото Коњух, каде заедно со други неидентификувани лица било извршено растоварање на кутиите со наркотична дрога марихуана во објект на правно лице од Крушевац, претходно обезбеден од осомничени лица за кои Јавното обвинителство за организиран криминал на Република Србија води истражна постапка.
Јавниот обвинител оцени дека постојат околности што упатуваат на тоа дека во конкретниот случај целта на притворот не би можела да се оствари со некоја друга мерка за обезбедување присуство, па на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи да донесе решение со кое спрема двајцата осомничени на кои им беше определен краткотраен притвор да биде определена мерка притвор во траење од 30 дена.

















