Екипата на Башкими од село Горно Јаболчиште, на својот фејсбук профил објави седум нови имиња во ростерот во пресрет на новата сезона во Третата фудбалска лига Регион 4. Клубот го засили досегашниот резервен голман на Борец 1919, Астрит Имери, како и Ермал Рахмани кој доаѓа од редовите на Беса Сарај.
Нови членови на третолигашот се и Дритон Јонузи, Енди Мандак, Јосиф Манасиев, Бојан Манчев и Александар Јордановски. Станува збор за фудбалери кои зад себе имаат искуство во домашниот шампионат и од кои во клубот очекуваат да придонесат во остварувањето на амбициозните цели сезонава.
Манасиев и Јордановски доаѓаат од екипата на Превалец, додека Мандак доаѓа од редовите на Брегалница Штип, додека последен клуб за Бојан Манчев беше Вардар Неготино.
Со овие ангажмани Башкими јасно покажува дека сериозно се подготвува за предизвиците во третолигашката конкуренција, а во наредниот период не се исклучува можноста клубот да претстави и нови засилувања.






















