Велес, град со богата спортска традиција, денес се наоѓа на незавидно дно кога станува збор за сениорскиот спорт. Наместо полни трибини, еуфорија и големи амбиции, велешани добија реалност исполнета со борба за опстанок, импровизации и вечни „подобри денови“. Спортот во градот не умира, но очигледно одамна не живее како што заслужува.
Фудбалот, како најмасовен спорт, е најболниот пример. Борец 1919 само накратко беше второлигаш, за повторно да се врати таму каде што не му е местото – во Третата фудбалска лига – Југ. Наместо стабилен проект и јасна визија, клубот повторно води битка за првото место, овојпат со амбициозниот Превалец, за бараж кој можеби ќе значи враќање во Втората лига. За клуб со историја и име, ова е премалку, а за градот – премногу разочарувачки.

Кошарката барем формално стои подобро. Борец Баскет е стабилен прволигаш, но велешката публика одамна сонува за натпревари од највисок ранг, за кошарка која ќе буди емоции и ќе ја врати салата „Гемиџии“ во стар сјај. Дали американското засилување Дерек Елис Јуниор ќе биде искрата за подобри денови, останува да се види, но без систем и континуитет, ниту едно име не е доволно.

Најголемата спортска рана за Велес сепак е ракометот. Град кој со децении важеше за ракометна средина денес нема ниту еден сениорски клуб. Исфрлањето на Фруитленд Борец од Суперлигата беше удар од кој ракометот сè уште не се опоравил. Сепак, вреди да се истакне напорот на Сашко Радевски и Никола Василев, кои со формирањето на РК „Гемиџии“ барем ја одржаа искрата кај младите и спречија целосно згаснување на спортот во кој Велес некогаш беше бренд.

Единствената вистинска светла точка останува одбојката. ГОК Борец е стабилен прволигаш и редовно е меѓу екипите што се борат за титулата. Дополнително, враќањето на женската одбојка по 15 години е позитивен сигнал – ГОК Борец и ОК Виола Волеј настапуваат во Втората лига, а ветераните на ГОК Борец се шампиони во својата конкуренција. Доказ дека кога има организација, има и резултати.

За сè друго – критиката е неминовна. Но и вистината мора да се каже гласно: без пари нема врвен спорт. Без поддршка од стопанствениците, Велес ќе продолжи да тапка во место. Време е оние што имаат моќ да го „одврзат кесето“, за градот повторно да има спорт со кој ќе се гордее, како што тоа го прават некои други македонски градови. Спортот не е трошок – тој е инвестиција во идентитетот на Велес.





































