Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани почнува на 19 ноември во судницата во Идризово

Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој животот го загубија 63 лица, а околу 200 беа повредени, ќе почне на 19 ноември годинава во судницата во КПУ Идризово, соопшти Основниот кривичен суд – Скопје.

Предметот, кој се води под број К.бр. 1872/25, првично беше поднесен од Основното јавно обвинителство Кочани, а потоа со решение на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, префрлен во надлежност на Скопското обвинителство. Обвинителниот акт е целосно одобрен и распределен преку АКМИС системот кај судијката Диана Груевска Илиевска.

Agria

Поради законски ограничувања и лично познанство со дел од оштетените, од постапувањето по предметот се изземени судијките Тамара Витларова – Смилевска и Илина Смичковска – Илиевска. Како втор член на судечкиот совет, согласно измените во годишниот распоред, ќе постапува судијата Ахмед Идризи.

Заради ефикасност и економичност, судот има закажано повеќе термини за главна расправа: 25 и 26 ноември, како и 2, 4, 10 и 11 декември 2025 година. Дополнителни термини ќе бидат утврдени по започнувањето на расправата.

Судот апелира до сите учесници во постапката да пристигнат најмалку еден час пред закажаниот термин, поради безбедносни процедури и навремено започнување на расправата. Акредитираните медиуми треба навремено да ги обезбедат потребните дозволи за снимање и фотографирање од Врховниот суд на РСМ.

 

 


Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: