Најмалку четири лица загинаа при пад на мал спортски авион што денеска околу 11:20 часот се урна во близина на Медулин, во хрватска Истра. Според првичните информации од локалните власти, во тек е потрага по уште две лица, иако овие информации засега не се официјално потврдени.
Несреќата се случила на подрачјето Кампанож, ненаселена област на границата меѓу Пула и општина Медулин, во непосредна близина на локалниот спортски аеродром. Полицијата добила пријава во 11:18 часот, по што на местото веднаш биле испратени екипи на итната медицинска помош, пожарникари и медицински хеликоптер.
Според првичните сознанија, авионот при ударот во земјата целосно се преполовил. Потврдена е смртта на четири лица, за кои се претпоставува дека се странски државјани.
Пилотот Нијаз Делиќ, кој го користи аеродромот во Медулин, за локалните медиуми изјавил дека пилотот на авионот бил искусен. Според него, леталото требало да слета на спортскиот аеродром, но од засега непознати причини, над одлагалиштето за отпад „Каштијун“ направило спирален маневар и директно удрило во земјата.
Според информациите на хрватскиот портал „Index“, авионот полетал од Германија, а дополнителна необичност е што летот на ова летало наводно не бил најавен во хрватскиот воздушен простор.
На местото на несреќата се очекува пристигнување на инспектори за воздухопловни несреќи, кои ќе ги утврдуваат причините за трагедијата. Истрагата е во тек.

























