Трајче Миланов: И мажите и девојките „гинат“ за дресот на ГОК Борец

Одбојкарскиот клуб Борец зад себе има година што влева оптимизам. Машката екипа повторно е веднаш зад двата најдобри клуба во државата, а историската победа над Струмица по цели 16 години најавува нови амбиции. Во исто време, по пауза од 15 години, женската одбојка се врати на терените во Велес. За резултатите, процесот и плановите, разговараме со Трајче Миланов, дел од стручниот штаб на Борец и во машка и во женска конкуренција.

Батали.нет: Како од стручен агол ја оценувате изминатата година за машката екипа на Борец и континуитетот веднаш зад двата најсилни клуба во државата?

Agria

„Заклучно со минатиот викенд заврши првиот дел од оваа натпреварувачка сезона, од која лично јас сум задоволен од постигнатите резултати. Има дел нови играчи  на кои им требаше време да се адаптираат на нашата лига и да се воиграат со останатите играчи. Дојдоа двајца нови играчи од Бразил, Алисон кој игра на позиција коректор и Фелипе кој игра на позиција примач како и повратникот во нашиот клуб репрезентативниот среден блокер Филип Лепидовски со што се створи компактна екипа која верувам ќе се бори во вториот дел од сезоната се надеваме до самото финале“.

Батали.нет: Победата над Струмица по 16 години одекна силно во одбојкарската јавност – што беше клучно за овој успех и што значи тој за самодовербата на тимот?

„Уфф, победа вредна како злато која многу значи за цел клуб не само поради фактот дека ги земавме бодовите туку и поради тоа што и вие кажавте по цели 16 години се успеа да се победи екипата на Струмица во прекрасен натпревар каде нашите момци славеа во 5 сета со резултат 3:2. Според мене клучно за овој успех беше пред се мотивираноста и компактната игра на целата екипа,оти видете одбојката е тимски спорт каде секој играч е подеднакво важен за екипата и ако некој има лош ден е многу тешко да го покрие друг играч, но на таа утакмица пресуди желбата и концентрацијата потпомогнати од бодрењето на публиката“.

Батли.нет: Дали оваа победа ја менува психолошката слика во лигата и амбициите на Борец за наредниот период?

„Со секоја победа се подига расположението и атмосферата во тимот а со оваа победа верувам и амбициите поради фактот дека оваа година имаме до сега изедначена лига каде видете Борец ја победи Струмица, а наредната недела Струмица на гостински терен го совлада Штип со што дава позитивна енергија дека момците можат да изиграат и надигруваат со сите екипи. Клубот оди чекор по чекор има за играње уште многу натпревари, следува вториот дел од најдобрите 6 екипи каде секој натпревар ќе биде тежок за играње, но лично јас верувам во тренерот Петре Жабев со неговиот тренерски тим дека ќе ја спремат екипата и ќе прикажат голема борба до крајот на првенството“.

Батали.нет: Кои сегменти од играта најмногу напредуваа оваа сезона и каде гледате простор за уште поголемо подобрување?

„Оваа сезона според мене се состави добра екипа бирана соодветно по позиции што недостасуваа во ротацијата, странците до сега си ја оправдаа целта зошто се донесени и играат на очекувано добро ниво потпомогнати од искусниот капитен Дејан Димовски и незаменливиот техничар на екипата Саше Ивковиќ, како и стабилноста на мрежа која ја донесе Лепидовски. Исто така сакам да го истакнам и либерото Дарко Жабев кој е најмлад во поставата но игра во одлична форма и допринесува за добар прием со што им дава простор на соиграчите да поентираат. Постојано има простор за напредок и се надевам дека ќе уживаме во наредниот период со добри игри прикажани од момците и ќе се радуваме на многу победи“.

Батали.нет: По пауза, женската одбојка повторно се врати во Велес – колку беше предизвик да се стартува одново и како ја оценувате моменталната 5. позиција во Втората лига?

„Женската одбојка во Велес никогаш не е згасната напротив има многу голем интерес и младинските школи на клубот работат континуирано и произведуваат играчи каде видовме потенцијал и после многу години да пријавиме екипа во сениорска конкуренција. Стартуваме од 2 лига согласно по пропозициите. Имаме прилично млада екипа составена од девојки од младинските школи потпомогнати од капитенот Мартина Борова која исто така потекнува од нашата школа, како и Емилија Ивановска кои имаат настапувано во клубови во 1-та лига и се добар пример за младите девојки. Предизвикот беше голем по почетната идеја на првиот тренер на екипата Сашко Ивковиќ каде се вклучив јас (Трајче Миланов) и Ангел Жабев и составиме стручен штаб кој работи со девојките и есенскиот дел на сезоната ја завршивме на одличното 5 место од 13 екипи,што претставува мотив за уште понапорна работа и  напредок на екипата“.

Батали.нет: Каква е визијата за развој на женската екипа и колку е важно таа да стане стабилен дел од одбојкарската сцена во градот?

„Секогаш првиот чекор е најтежок, но ние како клуб го направивме, и нашата цел и визија е да се надградуваат овие девојки, и во следниот период да добиваат шанса и други кои се надевам ќе ја искористат шансата и во иднина да составиме стабилна екипа од нашите школи која достојно ќе не претставува во лигата па со тек на времето да кога би биле спремни да се надеваме да направиме исчекор и да влеземе во првата лига на натреварување .Со формирањето на сениорската екипа се всади поголем мотив кај сите девојки да тренираат вредно и да бидат дел од екипата каде ќе се борат за своето место. Играњето во втората лига е многу важно за секој сериозен клуб каде што ќе може да им се даде шанса на помлади играчи од младинските селекции при што ќе стекнат многу искуство и ќе созреат како играчи“.

Батали.нет: Колку работата во двата тима – машкиот и женскиот – се надополнува и што како стручен штаб пренесувате од едниот во другиот процес?

„Двајца тренери од женскиот клуб Саше и Ангел се уште активни играчи во машката екипа, јас сум само тренер но сум бил 15 години дел од машката екипа и како играч поминат во сите младински категории па до сениорската екипа и еден период како тренер на млади категории. Искуството собрано кај сите нас пробуваме да го пренесеме врз девојките но исто така добиваме и совети од тренерот на машката екипа Жабев кој е долгогодишен тренер и во машката и женската одбојка во градот, но и тој прифаќа сугестии од нас како помлади. Иако како тренерски состави сме различни во двете екипи сепак добрата релација во професионален аспект ни значи многу во развивањето на двата клуба бидејќи на крајот на денот ние сме една голема фамилија ГОК Борец која достојно го претставува градот Велес и сите велешани, а играчите даваат максимум и гинат за дресот на нашиот клуб“.

Батали.нет: Со какви цели и пораки влегувате во новата година и што можат навивачите на Борец да очекуваат во блиска иднина?

Најнапред да изразам благодарност до Вас како медиум што ни овозмноживте простор да кажеме за одбојката во градот и да ги запознаеме подетално нашите сограѓани со состојбата во клубовите. Исто така сакам од мое име и името на сите играчи и тренери од машкиот и женскиот клуб да ги честитаме престојните новогодишни и божиќни празници со желби полни со многу здравје пред се, спокој и радост во семејствата на сите наши сограѓани и љубители на спортот и одбојката. Сакам да испратам порака до љубителите на спортот и одбојката да во новата година бидат побројни да дојдат во сала и не бодрат затоа што и момците и девојките со своите игри го заслужуваат тоа, нивната поддршка многу ќе ни значи во остварувањето на зацртаните цели како борба за титула кај мажите и враќање на сјајот на женската одбојка“.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: