Трети места и големо искуство, Борец Баскет ја гради иднината во Сараево

Во жестока меѓународна конкуренција на реномиран младински турнир, Sarajevo International Basketball Tournament, кој годинава се одржува под името на легендарниот Сеад Балиќ, еден од најзначајните тренери и спортски педагози во историјата на сараевската и босанско-херцеговската кошарка, младите кошаркари на Борец Баскет – Велес собраа драгоцено искуство и уште еднаш потврдија дека иднината на велешката кошарка е во сигурни раце. Иако денот донесе повеќе порази отколку победи, настапот во сите категории покажа дека системската работа со младите носи вредности кои се далеку поважни од самиот резултат.

Категоријата U18, која настапуваше во Група Ц, по двете победи во претходниот ден, денес забележа два порази – од Шентвид од Словенија со 54:40 и од Посушје од Босна и Херцеговина со 43:40. Со тоа, велешани го завршија турнирот на солидно трето место во својата група, оставајќи впечаток на борбена и перспективна екипа.

Agria

Во конкуренција U16, Борец Баскет настапи во Група А и по половичниот учинок го зазеде третото место. Велешките млади кошаркари славеа победа против ОКК Монтенегро од Црна Гора со 42:33, но загубија од словенечката Шкофја Лока со убедливи 49:15, во натпревар кој покажа колку е високо нивото на турнирот.

И најмладите категории го завршија настапот на третата позиција во Група Б. Денес тие извојуваа важна победа против Фаст Академи Спор Окулу од Турција со 36:33, но во клучниот натпревар тесно загубија од српскиот Триокс со 45:43.

Настапот на Борец Баскет – Велес на овој реномиран меѓународен турнир уште еднаш покажува дека градот има светла кошаркарска иднина. Вложувањето во младите категории можеби не секогаш носи инстант резултати, но полека и сигурно создава генерации кои ќе знаат да се носат со европски и регионални предизвици – токму она што на македонската кошарка ѝ е најпотребно.


Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: