Обвинението против Александар Ѓорчевски е во целост неосновано, неаргументирано, паушално и засновано на претпоставки кои не наоѓаат своја поткрепа во доказите на обвинителството. Одбраната докажа дека токму неосновано обвинетиот Александар како татко на детето Вања е жртва и оштетен во оваа постапка заедно со мајката Зорица и неговото семејство и докажа дека тој во критичниот период постапил на начин на кој би постапил секој родител во ситуација кога се трага и бара неговото исчезнато дете, порача во завршен збор бранителот на таткото на Вања, адвокатот Владимир Туфегчиќ, и побара Судот да го ослободи од обвинение.
Според одбраната, клучната теза и теорија на случај на застапникот на обвинението не е докажана, а тоа е мотивот, да се дадат парични средства на обвинетите за откуп на детето, ниту пак е изведен доказ во насока на дејствија на таткото за давање откуп или со кои се докажува негова комуникација и поврзаност со Љупчо Палевски.
Пристапот на обвинителството, според Туфегчиќ, е недозволен и опасен преседан кој значи обвинување за претпоставена, а не докажана вина, тврдење кое е потполно неосновано и паушално од причина што телефоните кои ги користел таткото се криминалистички вештачени и нема доказ за комуникација или избришани записи по претходна комуникација со телефонските броеви кои ги користел Палевски, а кои ги посочува застапникот на обвинението.
„Од исказите на сведоците Зорица Ѓорчевска, Иванка Ѓорчевска, Зоран Ѓорчевски,Оли Нешковиќ и Иво Нешковиќ се докажува дека Александар иако разведен бил исклучително поврзан, одговорен и посветен родител со своите деца и имал висок степен на грижа за нив на дневна основа. Овие сведоци дадоа јасен опис на настаните во критичниот период, од 27 ноември 2023 година до денот на пронаоѓањето на починатото дете, во кои настани заедно со таткото Александар и самите учествувале и по ништо нивните искази не се разликуваат од описот на настаните и дејствијата кои ги опиша и самиот татко Александар и сведокот Гоце Трајковски, напротив нивните искази во целост се совпаѓаат со исказот и описот што го даде таткото Александар во делот кои лица и какви дејствија преземале во насока на пронаоѓање на исчезнатото дете Вања, однесувањето на полицијата и причините за недовербата кон полицијата поради начинот на постапување“, рече Туфегчиќ.
Обвинителството, според него, во текот на постапката се обидело со провокативни и навредливи прашања да ја дискредитира личноста на таткото за да докаже дека таткото Александар имал мотив да учествува во грабнувањето на сопственото дете бидејќи според тезата на обвинителството бил неработник, нарко зависник, кој има хронични долгови, накратко една потполно недостојна личност да биде татко, но фактите и аргументите за неговата личност кои беа изнесени во текот на постапката токму од неговата поранешна сопруга Зорица и останатите сведоци го говорат токму спротивното.
„Високиот степен на сомнеж кон таткото како клучен фактор истиот да биде обвинет бил поради тоа што единствено тој тврдел дека детето е киднапирано. Одбраната со материјални докази докажа дека ваквата теза е потполно погрешна и неточна“, рече Туфегчиќ.
Исказот на сведокот Зорица Ѓорчевска, Туфегчиќ рече дека во целост кореспондира со исказот на Александар Ѓорчевски и „од темел ја дискредитира тезата на обвинителството дека помеѓу нив имало недоразбирања и несогласувања“.
„Застапникот на обвинението во текот на целата постапка и во завршните зборови поради сопствената немоќ и немање докази да го докаже токму она што е опис во обвинителниот акт за Александар а тоа е дека Александар со умисла им помогнал на обвинетите за да извршат грабнување на детето Вања, се обиде Александар морално да го понижи а со оглед дека судењето е јавно, и во јавноста и пред неговата ќерка Миња да го претстави како личност недостојна да биде татко и родител, нарко зависник и неработник, чија што единствена цел била да дојде до пари“, нагласи Туфегчиќ.
Во однос на тоа дека застапникот на обвинението во текот на постапката се обиде да ја докаже инволвираноста на Александар со тоа што тој сам со возилото тргнал да ја бара Вања на неколку локации, адвокатот рече дека исказот на Зорица Ѓорчевска се потврди дека Александар ниту нешто сокрил ниту се обидел нешто да премолчи пред Зорица, напротив самиот и кажал на Зорица дека бил со возилото да ја бара Вања кон Сарај, Арачиново, дека тргнал кон Блаце…
„Со ова се докажува дека Александар немал никаква намера ништо да сокрие или прикрие, напротив за се ја информирал Зорица. Се докажа дека токму состојбата на паника, страв, избезуменост, вознемиреност и внатрешното растројство поради исчезнувањето на детето кај Александар била злоупотребена на начин што дејствијата кои во таква стресна состојба самиот ги превземал откако одлучил самиот да води истрага во обид по секоја цена да го пронајде сопственото дете, биле потполно погрешно протолкувани и истото довело до потполно погрешен заклучок за неговата евентуална поврзаност или било каква инволвираност во овој кривично правен настан. Потврда за погоренаведеното е исказот на сведокот Музафер Каришиќ кој изјави дека субјективно чувство било на неговите колеги во тој момент, дека таткото бил конфузен и чуден“, изјави Туфегчиќ.
Родителите на детето и нивното семејство, според Туфегчичќ, го преземале токму она што би го преземал секој друг родител во ваква ситуација и сосема природно се сомневале дека детето е грабнато особено што како што и самите родители изјавија, многу добро си ги познавале децата, секогаш биле достапни, секогаш им се јавувале и точно знаеле каде и со кого се движат, никаде не оделе сами без да се јават на едниот или другиот родител и преку мобилните телефони имале GPS тракинг на движењето со родителите.
Одбраната, исто така, посочи дека до јавен обвинител е доставено известување за вршење тортура спрема Александар на ден 18.01.2024 година со барање за доставување два лекарски извештаи од судија на претходна постапка од 16.02.2025 година за нанесените повреди при вршењето тортура, како и докази од извештајот од Хелсиншкиот комитет за човековите права кои ја спровеле постапката со дозвола на судија на претходна постапка во фаза на истрага.
Во оваа смисла, како што дополни, по однос на обвинетиот Александар се докажа дека ваквото обвинение е резултат на прекршување на основните принципи на кои почива истражната постапка и криминалистичка истрага, во која не е направена прелиминарна анализа на информациите, ниту е направена нивна организација и диференцијација, ниту била формирана основа на структурата за одлучување.
„Токму од доказите на обвинителството произлегува дека доказите од видео надзорот врз основа на кои се темели обвинението се обезбедени и прибавени токму од обвинетиот Александар и сведокот Гоце и тоа со знаење, согласност и со напатствија од полициските службеници кои учествувале во истражната постапка, рече Туфегчиќ.