Полицијата го уапсила турскиот државјанин кој ноќеска се даде во бегство откако со огнено оружје усмрти друг странски државјанин во Штип, информира Основното јавно обвинителство Штип. При приведувањето бил пронајден и пиштолот што се поврзува со убиството.
Како што соопштија од Обвинителството, во текот на денот осомничениот ќе биде изведен на распит пред надлежен обвинител.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип извршил увид на местото на настанот — кафе-барот каде се случило убиството. Веднаш по инцидентот биле идентификувани и напаѓачот и жртвата, двајцата странски државјани.
„Од местото беа подигнати чаури и други траги кои ќе бидат предмет на вештачење, а телото на починатиот е дадено за обдукција. Обезбедени се и прегледани снимки од видеонадзор. Се преземаат и други дејствија за обезбедување докази, а увидните дејствија на локацијата ќе продолжат и денеска“, вели Обвинителството.