Во рамките на Првата лига, екипата на Борец Баскет запиша значајна и убедлива победа на гостински терен против КК Вардар со резултат 70:95, и ги зголеми шансите за пласман во плеј оф разигрувањето.
Триумфот добива дополнителна тежина ако се има предвид дека Вардар беше првопласиран во групата А по завршувањето на регуларниот дел од сезоната. Сепак, натпреварот донесе целосна резултатска контрола од страна на велешани, кој во текот на сите четири четвртини го диктираа темпото и постепено ја зголемуваа предноста.
Особено впечатлива беше колективната игра дури 11 кошаркари се запишаа во листата на стрелци, што говори за рамномерната распределба на поените и добрата тимска организација. Најефикасен на средбата беше капитенот Штерјов, кој забележа дабл-дабл учинок од 26 поени и 12 скокови. Јанг натпреварот го заврши со 18 поени, Трпевски придодаде 17, додека Чадамов се истакна во креирањето на играта со шест асистенции.

















