Управата за јавни приходи (УЈП) започна со проверки на приливите од странство што граѓаните ги оствариле во текот на 2021 година, врз основа на податоци добиени од банките. До дел од граѓаните веќе се испратени персонализирани известувања со рок за исполнување на евентуалните даночни обврски.
Од УЈП предупредуваат дека доколку граѓаните не ги исполнат доброволно своите обврски, институцијата ќе преземе мерки во рамките на законските надлежности за утврдување и наплата на данокот.
Сепак, од Управата појаснуваат дека не секој прилив од странство подлежи на оданочување, а добивањето известување не значи автоматски дека граѓанинот должи данок. Обврската за пријавување се однесува на доход остварен во странство кој е оданочив согласно Законот за данокот на личен доход.
Меѓу приходите што може да подлежат на оданочување се платите, хонорарите, приходите од фриленс и интелектуални услуги, издавањето недвижности преку платформи како Airbnb и Booking.com, капиталните добивки од продажба на имот, криптовалути и хартии од вредност, како и дивидендите, каматите, авторските права и добивките од игри на среќа.
Од друга страна, парите добиени како подарок, семејна поддршка или позајмица не претставуваат автоматски оданочив доход. Истото важи и за трансферите преку Western Union, Ria, MoneyGram и слични сервиси, бидејќи начинот на кој се префрлени парите сам по себе не ја определува даночната обврска.
Одлучувачки е вистинскиот основ на приливот, односно дали станува збор за доход што подлежи на оданочување. Затоа, граѓаните кои добиле известување треба да ја проверат природата на приливите и, доколку е потребно, да достават соодветна документација до УЈП.






















