Апелациониот суд во Штип соопшти дека се завршени постапките по жалбите поднесени на решенијата за притвор во врска со случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Од вкупно осум предмети, во седум случаи жалбите се одбиени како неосновани, а решенијата на Основниот суд во Кочани се потврдени.
Само во еден случај, жалбата на обвинетиот Е.М. е уважена, при што првостепеното решение за притвор е преиначено и заменето со мерка куќен притвор, заедно со дополнителни мерки на претпазливост.
Родителите на настраданите во пожарот во кочанската дискотека, денеска во 12:05 излегоа на „Марш за ангелите“ во Скопје. Маршот почна пред Обвинителството, продолжи на градскиот плоштад, па пред Собранието. Родителите и дел од семејствата моментално се на средба со министерот Панче Тошковски.
Јавното обвинителство покани на средба претставници на семејствата кои би сакале подетално да се запознаат со сите аспекти на истражната постапка.
Илка Каба Бектеши, сопруга на Крешник Бектеши, неодамна објави дека ексминистерот за економија не бил уапсен туку отишол во станица по добиена покана. Таа тврди дека го пуштиле да си оди дома, но откако се подготвил да излезе од станица, му кажале дека му одредуваат 24-часовна мерка. Сопругата на Бектеши обвини дека апсењето на ексминистерот е оттргнување на вниманието од вистинските виновници.
Бектеши пак е осомничен како дел од алката за помош за дискотеката „Пулс“ да може да работи. Со сторување или несторување, односно со преземени дејствија за издавање на лиценца, односно преземени дејствија да не се направи контрола, го сомничат дека сторил кривично дело.
Во пожарот во „Пулс“, животите ги загубија 59 лица, тројца подоцна им подлегнаа на повредите, а околу 100-на беа повредени. Досега над 60 физички и 3 правни лица се опфатени во истрагата на Обвинителството.