На денешното судење за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски сведочи обвинетиот Велибор Манев. Обвинетиот Велибор Манев раскажа дека од зградата во Скопје каде е киднапирана Вања Ѓорчевска, требало да биде изнесена жена на возраст од 38-40 години.
Првообвинетиот за убиствата на Вања и Панче, Љупчо Палевски, им ветувал 150 илјади евра за грабнувањето на, како што тврдел, ќерка на фармацевт.
Манев сведочеше дека Љупчо Палевски Палчо: „Цело време ни ги покажуваше сликите на жената на телефонот, стварно изгледаше на 38-40 годишна жена дали беше фотошопирана важно староста не беше за дете“.
Обвинетиот Велибор Манев, сведочејќи за киднапирањето на Вања, тврди дека во темницата под скалите, не виделе дека киднапираат дете место жена.
„Откако ја ставивме особата за која мислевме дека е жена во гепек, по насоки на Палевски, почнавме да се движиме. Испаднавме на Партизанска, па скршнавме кон Рузвелтова. Сè како што беше прикажано од снимките на ‘сејф сити’. Палевски нè чекаше кај надвозникот, продолжи, јас со ‘ситроенот’ по него”, кажуваше во детали сведокот-обвинет.
„Стасавме на местото Оризови дупки. Кога го отворивме гепекот, Палчо ја праша која е, како се вика, кои се мајка и татко ѝ. Кога му кажа, ни рече да ја извадиме надвор. Да ја слика и да им прати слики на родителите. Кога ја откопчавме вреќата за спиење, и кога го извадивме селотејпот, видовме дека е дете, а не жена. Му рековме со Боре да ја ослободиме, дека сме под маски, дека никој не нè виде. Палчо почна пак да вика да прекинам, оти ништо не разбирам, сè е тамам и чисто. Ни кажа дека сумата за грабнувањето ќе биде помала од првичната”, одговараше тој на прашања од својот бранител.
„Се свртев кон лозјата запуштени и некроени. Потоа да ги видам собите што се правени. Да се внесе детето таму. Додека гледав, Палчо му пријде на детето со перниче во раката. Се доближи, му испука куршум на детето. Отиде до колата, извади нови копач, лопата и ашов. Ги фрли кон нас, нареди да ископаме дупка. Копавме по таа смрзната земја, јас и Влатко ја спуштивме во дупката. Палевски ја држеше за главата, ја извади вреќата, ја фрли во колата на Панче. Плачев и ја закопував”, збореше во тешкото сведочење Велибор Манев.
Откако завршиле со закопот, тој го возел ‘ситроенот’. Рече дека Палчо го возел ‘кангуто’ напред.
Потоа Кешишев го полил „ситроенот“ со бензин и го запалиле. Велибор седнал како совозач напред во пикапот ‘кангу’, Палевски го возел. Дошле во канцеларијата на Десна.