По една недела исполнета со возбудливи натпревари, голови и спортски дух, Детскиот фудбалски турнир 2026 во Велес вечерва влегува во својата завршна и најинтересна фаза. На теренот во Градскиот парк ќе се одиграат полуфиналните натпревари, мечот за третото место и големото финале, по кое ќе биде познат новиот шампион.
Турнирот, кој го организира Општина Велес во соработка со фудбалскиот тренер Панче Нанев, и оваа година привлече голем број млади фудбалери и бројна публика, претворајќи го Градскиот парк во вистински спортски центар на градот.
Во четвртфиналната фаза најубедлив беше тимот на Осогово Крива Паланка, кој со 10:3 ги совлада Минерали Метали. Актуелниот шампион Борец без поголеми проблеми се пласираше меѓу четирите најдобри екипи со убедлива победа од 5:0 над Мал Ајакс.
Тополка исто така обезбеди полуфинале по триумфот од 5:1 над Лирија, додека најнеизвесен беше дуелот меѓу Наш’то Маало и Њу Старс. По израмнет натпревар, победникот беше решен на пенали, каде Њу Старс славеше со 3:1.
Според распоредот, во првото полуфинале силите ќе ги одмерат Борец и Њу Старс, додека во второто полуфинале ќе се сретнат Осогово Крива Паланка и Тополка.

Пред големото финале ќе се одигра натпреварот за третото место, а шампионот на Детскиот фудбалски турнир 2026 ќе биде познат по финалниот меч закажан за 21:30 часот.

Организаторите очекуваат уште една вечер исполнета со многу публика, фер-плеј и квалитетен детски фудбал, достоен завршеток на турнирот кој повторно покажа дека Велес има богата спортска традиција и талентирана млада генерација фудбалери.






















