Кошаркарскиот клуб Борец Баскет – Велес уште еднаш покажува дека трпеливата и системска работа со младите категории носи резултати. Велешкиот клуб ќе биде дел од еден од најсилните младински кошаркарски настани во регионот – Sarajevo International Basketball Tournament, турнир кој годинава се одржува под името на легендарниот Сеад Балиќ, еден од најзначајните тренери и спортски педагози во историјата на сараевската и босанско-херцеговската кошарка.
Борец Баскет во Сараево ќе настапи со дури три возрасни категории – U18, U16 и U14, со што ќе ја претставува Македонија на меѓународна сцена и ќе се соочи со силна конкуренција од повеќе европски и светски кошаркарски средини. Ова учество е уште една потврда за континуираниот развој на клубот, вложувањето во младите кошаркари и визијата Борец Баскет да гради играчи подготвени за сериозни предизвици.
Во категоријата U18, велешките јуниори ќе играат во Група C, каде што ги очекуваат дуели со Шентвид од Словенија, Фаст Академи Спор Окулу од Турција, Инвајдерс од Албанија и Посушје од Босна и Херцеговина. Во U16 категоријата, Борец ќе настапи во Група A, заедно со Шкофја Лока од Словенија, Хангтајм од Обединетите Арапски Емирати, Живнице Баскет од БиХ и ОКК Монтенегро од Црна Гора. Најмладите, во категоријата U14, ќе играат во Група B, каде што ќе се соочат со Слобода и Реал Веј од БиХ, Триокс од Србија и Фаст Академи Спор Окулу од Турција.

Редакцијата на Батали.нет ќе го следи турнирот и ќе им ги донесе на читателите, резултатите и впечатоците на велешкиот клуб, од настан кој уште еднаш потврдува дека велешката кошарка има иднина и достоинствено чекори по регионалната и меѓународната сцена.





































