Кошаркарскиот клуб Борец Баскет – Велес уште еднаш потврдува дека трпеливата, посветена и системска работа со младинските категории е вистинскиот пат кон успехот. Велешани се дел од еден од најсилните младински кошаркарски настани во регионот – Sarajevo International Basketball Tournament, кој годинава се одржува под името на легендарниот Сеад Балиќ, еден од најзначајните тренери и спортски педагози во историјата на сараевската и босанско-херцеговската кошарка.
На првиот ден од турнирот, јуниорите на Борец во категоријата U18, кои настапуваат во Група C, прикажаа одлични партии и забележаа две убедливи победи. Прво беше совладан тимот на Инвајдерс од Албанија со 41:19, а потоа и Фаст Академи Спор Окулу од Турција со високи 71:38, со што велешките млади кошаркари испратија јасна порака за своите амбиции. Денес ги очекуваат дуелите со Шентвид од Словенија и Посушје од Босна и Херцеговина, натпревари кои најверојатно ќе го решат прашањето за првото место во групата.
Во категоријата U16, Борец настапува во Група A и по првиот ден има половичен учинок. Поразени беа во неизвесен натпревар од Живнице Баскет од БиХ со 61:58, но потоа покажаа карактер и славеа против Хангтајм од Обединетите Арапски Емирати со 37:33. Денес ги очекуваат натпреварите против Шкофја Лока од Словенија и ОКК Монтенегро од Црна Гора.

Најмладите велешки кошаркари, во категоријата U14, играат во Група B. По добриот старт и победата над Реал Веј од БиХ со 47:39, следеше пораз од Слобода од БиХ со 60:37. Пред нив се уште натпреварите против Триокс од Србија и Фаст Академи Спор Окулу од Турција.
Настапот на Борец Баскет на овој реномиран турнир уште еднаш покажува дека Велес има светла кошаркарска иднина, а вложувањето во младите категории полека, но сигурно, носи резултати и на меѓународна сцена.





































