Велешките одбојкарски ветерани продолжуваат да газат без грешка. Екипата на ОК Борец ветерани и по последното коло од пролетниот дел од сезоната останува неприкосновена на врвот, откако на турнирот во Скопје ја совлада Струмица без загубен сет.
Велешани славеа со убедливи 2:0 во сетови, со резултат 25:14 и 25:12, во меч во кој од почетокот до крајот ја имаа контролата над играта. Двојната предност во текот на двата сета најдобро ја покажува и разликата во освоените поени, а противникот немаше решение за расположениот состав на Борец. Тандемот Стојанов–Габеров повторно беше движечка сила во тимот, а нивната сигурна игра во одредени моменти му дозволи на Борец буквално да си поигрува со противникот. Со оваа победа, ОК Борец ветерани цврсто го држи првото место на табелата со максимални 15 бодови од пет натпревари и фантастична сет-разлика 10:0.
Последното коло од пролетниот дел ја затвори првата половина од сезоната, а продолжението е закажано за 4 октомври во Тетово, каде велешките ветерани ќе го одиграат дербито на сезоната против екипата на Скендија. До тогаш, одбојкарите на Борец нема да мируваат. Тие имаат планирано учество на меѓународниот турнир во Велика Градиште на Сребрено Езеро, а во тек се и преговори за настап на силниот Краљевски турнир, како и на Гран при турнирот во Бања Лука.
Поради богатата програма, велешките ветерани ќе продолжат со тренинзи во текот на целиот јуни, паузата ќе ја користат само во јули, додека новата прозивка е закажана за 4 август.
Во останатите натпревари од ова коло, Скопје ја совлада Гевгелија со 2:0 (25:23, 25:20), додека Скендија беше подобра од Прилеп со 2:0 (25:13, 25:19). Слободна во ова коло беше екипата на Тетово.






















