(ВИДЕО) Фрчкоски за обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ: Обид за дефокус од сите криминално-корупциски шеми и афери

Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, денеска одржа вонредна прес-конференција на која рече дека јасно ќе одговори на серијата напади од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Фрчкоски ги квалификуваше обвинувањата како дефокус насочен кон прикривање на актуелни афери.

Фрчкоски појасни дека фотографиите за кои зборува ВМРО-ДПМНЕ се стари пет години и дека тој за настанот веќе презел целосна одговорност.

Agria

„Она што се случи, се случи еднаш пред пет години, а не сега или пред неколку месеци како што тие лажно го прикажуваат. Може да се види на фографијата колку сум помлад, послаб. И за тоа веднаш ја презедов целосната одговорност. Со тоа ги повредив само моите најблиски, но ниту еден граѓанин не беше загрозен. Ова е последен пат да зборувам на оваа тема“, изјави Фрчковски.

Според Фрчкоски, нападите врз него започнале веднаш по неговата прес-конференција за трагедијата во Кочани и по отворањето на темите за корупција во власта.

Тој вели дека темата „мигранти за пари“ очигледно многу ги боли, а го спомена и случајот со 161 тендер во вредност од 5,3 милиони евра, како и милионски договори за фирми со само двајца вработени поврзани со луѓе од власта.

„Трета фирма со милиони евра тендери за само два месеци, поврзана со студент на Мицкоски. ’Алта банка’ и врските со СНС на Вучиќ кои ги има ВМРО-ДПМНЕ. Верувајте ми, ова е само почеток на откривањето на сите криминално-корупциски шеми и афери на ДПМНЕ“, додаде тој.

Фрчковски рече дека на платформата Micko.mk секојдневно пристигнуваат нови докази за криминално-корупциски шеми.

Фрчкоски направи паралела меѓу актуелната власт и Третиот рајх, тврдејќи дека новата резолуција против дезинформации всушност е механизам за забрана на вистината и на слободата на говорот. Тој додаде дека најавените реформи во правосудството се обид на премиерот Мицкоски да го стави судството под своја контрола за да ги заштити своите блиски соработници од одговорност.

„Откако поднесовме пријави за овие предмети, настана паника. Знаат дека ќе одговараат. Затоа Мицкоски брза со ’реформи’ во правосудството, за целосно да го стави под свои канџи целото судство и обвинителство. Веќе 20 дена чекаме одговор. Сè уште го нема“, рече тој.

Според него, власта врши притисоци преку медиумите, а веројатно и преку свои, како што рече, други канали.

Денеска од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение рекоа дека вклучувањето на Јон Фрчкоски во Извршниот одбор на СДСМ е доказ дека партијата не нуди вистински реформи. Од партијата потсетуваат на неодамна објавени фотографии со Фрчкоски на кои наводно се гледа користење на недозволени супстанци на работното место.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Фрчкоски никогаш не одговорил на прашањата поврзани со ова, како на пример, каде ја користел дрогата, од каде му е истата?

 

 

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: