Владата и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) постигнаа договор за зголемување на платата на околу 11.000 административци. Како што беше кажано на денешната прес-конференција во Владата, до 2028 година платите на овие вработени ќе се зголемат за 40 отсто.
„После година и половина преговори и барања на синдикатот на УПОЗ, постигнавме договор со Владата. За 11.000 вработени ќе се потпишуваат годишни колективни договори, по што ќе имаат методологија за покачувања на платата“, рече претседателот на УПОЗ, Трпе Деановски.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека со овој договор ќе бидат опфатени вработените во администрацијата, судовите и во обвинителствата.
Мицкоски кажа дека општиот колективен договор е истечен и Владата е подготвена да седне на маса со синдикатите и да донесе нов.
















