Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека „новото“ раководство на СДСМ се сведува на група луѓе блиски до поранешниот партиски лидер Зоран Заев, наведувајќи дека нема граница која претседателот на СДСМ, Венко Филипче, не е подготвен да ја помине за да ги задоволи неговите апетити и агенда.
Од партијата потсетуваат дека за Јон Фрчкоски пред неколку месеци во јавноста биле објавени фотографии на кои, како што тврдат, јасно се гледа како користи психотропни супстанци на своето работно место.
Во соопштението се наведува дека Филипче немал коментар за ова, ниту се оградил, а кога Фрчкоски се обидел да поднесе оставка од функцијата директор на Центарот за аналитика на СДС, таа не била изнесена пред Централниот одбор на партијата. Како што се цитира изјавата на Фрчкоски од минатата недела: „Не се враќам, никогаш не излегов, мојата оставка не беше разгледана“.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Фрчкоски никогаш не одговорил на прашањата поврзани со наводите, како што се каде ја користел дрогата и од каде му била истата.
Во соопштението се поставува и прашањето дали во СДС владеат правила на, како што се наведува, „паралелна реалност“, со оглед на тоа што, според партијата, раководството е целосно отсечено од јавната перцепција и ги претставува како „нови“ лица кои, како што тврдат, одамна се компромитирани, а некои и јавно политички потрошени.

















