Во координирана полициска акција спроведена вчера, на подрачјето на Неготино беа откриени и запленети 283 килограми тутун, спакувани во пакувања од по 450 грами. Во акцијата учествуваа Регионалниот центар за гранични работи Југ – Одделение за прекуграничен криминал, миграции и реадмисија, Полициската станица за граничен надзор Михајлово, ОВР Неготино – Надворешен криминал, Одделот за криминалистичка полиција при БЈБ и СВР Скопје.
Тутунот бил откриен во патничко моторно возило „Шкода Октавија“ со скопски регистарски таблички, кое не застанало на полициски сигнал за запирање на автопатот Градско–Неготино, во близина на Црвени Брегови. По кратка потера, возилото било запрено во Неготино. При извршен преглед, полицијата пронашла 29 црни вреќи со жолти пакувања од тутун без документација за потекло, со што на државниот буџет му е нанесена материјална штета во износ од 2.704.340 денари.
Возачот на возилото, С.Ф. (30) од село Љуботен, е приведен на лице место, а подоцна се приведени и Р.Ф. (37) од истото село, како и С.А. (41) од Скопје – двајцата патници во друго возило „Ауди А6“, кое се движело во непосредна близина и се смета дека било дел од координираната акција за транспорт на шверцуваниот тутун.
Увид на местото извршиле инспектори од Одделението за прекуграничен криминал и НК за криминал при ОВР Неготино. По целосно документирање на случајот, против трите лица ќе биде поднесена соодветна кривична пријава за дела согласно член 278-б „Прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“ и член 279-б „Избегнување на плаќање на акциза“ од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.