Женскиот фудбалски клуб Борец од Велес е единствениот македонски претставник на меѓународниот фудбалски турнир што викендов, на 27 и 28 јуни, се одржува во Торино, Италија. Турнирот е во организација на италијанскиот клуб Сит Турин ЛДЕ, со поддршка на програмата Еразмус плус спорт.
Покрај велешкиот клуб, на турнирот настапуваат екипи од Италија, Франција, Словачка и САД. Меѓу учесниците се домаќините Сит Турин ЛДЕ и АСД Борго Виторија, словачкиот Татран Прешов , францускиот Гренобл, американскиот Сан Диего, како и Академиа Торино и ФЦ Торино .
Во рамките на престојот во Торино, фудбалерките и стручниот штаб на ЖФК Борец го посетија стадионот „Алијанц“ и музејот на Јувентус. Посетата, како што велат од клубот, претставувала незаборавно искуство и силна мотивација за младите фудбалерки, кои за првпат одблиску се запознале со историјата и традицијата на еден од најголемите европски клубови.

Учество на вакви меѓународни турнири е можност за стекнување нови спортски искуства, размена на знаења и промоција на македонскиот женски фудбал на европската сцена.

На турнирот специјален гостин ќе биде италијанската репрезентативка и фудбалерка на Јувентус, Барбара Бонансеа, која ќе се сретне со младите фудбалерки од сите екипи учеснички, меѓу кои и членовите на ЖФК Борец.

























