Екипата на ЖОК Борец продолжува со одличните настапи во Втората женска одбојкарска лига. Изминатиот викенд, во рамките на 7. коло, велешанки на домашен терен ја совладаа екипата на Бами Кор од Тетово со убедливи 3:0, демонстрирајќи доминантна игра и сигурна реализација во сите сетови.
Победничката серија продолжи и вчера, кога во редовното коло Борец славеше со идентични 0:3 на гостувањето кај ЖОК Универзитет Тетово. Со оваа важна гостинска победа, велешанки потврдија дека се во одлична форма и со сериозни амбиции за врвот на табелата.
Во рамките на 9. коло, натпреварот против Јанта Волеј – Бутел од Скопје, кој требаше да се игра за време на претстојниот викенд, по договор на двата клуба е поместен и ќе се одигра денес, 27 ноември (четврток), со почеток во 18:30 часот, во салата на ООУ „Блаже Конески“ во Велес.
Домашната публика вечерва има шанса да биде дополнителен ветер во грб на велешките одбојкарки. Да ги поддржиме девојките и да им помогнеме да ја продолжат победничката серија – на радост на сите љубители на одбојката во градот.

















