Граѓаните од левата страна на Велес алармираат за зголемен број на диви таксисти и нерегистрирани возила

Жителите од левата страна на Велес реагираа до нашата редакција поради сè поизразената појава на диви таксисти и нерегистрирани возила во нивниот дел од градот. Според нивните сведоштва, најголема концентрација на нерегуларен сообраќај се забележува во близина на црквата „Св. Богородица“ и Градскиот пазар.

Последниот инцидент кој дополнително ја вознемири јавноста се случил на улицата „Прохор Пчински“, каде што пијан возач управувајќи патничко возило марка „Фолксваген“ со радовишки регистарски таблички изгубил контрола и удрил во ѕид.

Agria

Од СВР Велес потврдуваат дека проблемот е евидентиран и од страна на Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај (ПС за БПС) Велес, која во рамки на своите надлежности постапува со изрекување соодветни прекршочни санкции за прекршителите на сообраќајните правила.

„И покрај големиот број изречени мерки, оваа појава останува видлива. Се надеваме дека со идните измени на Законот, кои ќе овозможат одземање на возилата, ќе се придонесе кон поголема ефикасност. Засега продолжуваме со досегашната динамика на работа“, информираат од полицијата.

Во однос на проблемот со дивите таксисти, општинскиот инспектор за Велес е запознаен и веќе постапува во соработка со полициските служби. Спроведени се заеднички акции во рамки на кои се издадени и поднесени прекршочни санкции.

Во периодот од јануари до јули годинава, ПС за БПС Велес има изречено вкупно 87 прекршочни санкции за управување без соодветно лекарско уверение, а за нерегистрирани возила се изречени 71 санкција.

Граѓаните бараат поинтензивни и поригорозни мерки, со цел да се зголеми безбедноста и да се врати редот во сообраќајот на левата страна од Велес.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: