Синоќа, во просториите на Европската куќа во Велес свечено беше отворен 22. Меѓународен стрип салон – најзначајната стрип манифестација во државата која и оваа година собра врвни автори, млади таленти и вљубеници во деветтата уметност.
Во присуство на бројна публика и стрип фанови, организаторот ги додели традиционалните награди и признанија. Главната награда „Златен стрип“ за најдобро стрип дело ја доби стрипот „Мрак“, на авторите Марко Стојановиќ (сценарио) и Милорад Вицановиќ Маза (цртеж) од Србија.
Втората награда ја освои делото „Back to the past“ од Никола Видачковиќ (сценарио, Србија) и Игор Јовчевски (цртеж, Македонија), додека третото место му припадна на стрипот „Залогај“ од хрватскиот автор Далибор Дадо Пехар.
Специјални признанија беа доделени во повеќе категории:
Најдобар македонски стрип: „Ехоата на Зал`ахим“ – Војдан Андонов (сценарио) и Марко Марковиќ (цртеж)
Најдобро сценарио: „Проклета авлија“ – Марко Стојановиќ, Србија
Најдобар уметнички израз: „Души“ – Марко Стојановиќ (сценарио, Србија) и Василис Готцилас (цртеж, Грција)
Во соработка со Европската куќа – Велес, беа доделени и специјални награди за млади автори:
„Родна Ивева – не умре од куршум, умре од предавство“ – Меланија Стојанова и Анџело Џипунов (Велес)
„Тешки времиња“ – Александар Танчовски (Скопје)
„Strum!“ – Тамара Николова (Велес)
Најмлад учесник на салонот беше Марко Купенков (7 години) од Скопје, со стрипот „Фудбал со изненадувања“. Награда за најдобар дебитантски стрип ја доби Ања Стојадиновска од Куманово за „Само фантазија“.
Во категориите по возраст беа доделени следните награди:
До 14 години:
„Чудното чупе“ – Теона Чаловска (Битола)
„Помирување во пракса“ – Вук Стојановиќ (Лесковац, Србија)
Диплома: „Сонот на Вера“ – Христина Здравковски (Велес)
До 18 години:
„Добро утро“ – Магдалена Марјановиќ (Ресен)
Диплома: „Волшебно кученце“ – Андреа Младеновска (Скопје)
За поддршката и соработката со фестивалот, организаторот додели признанија на:
Клуб на ликовни уметници „Рашка школа“ – Рашка, Србија
ЛШС „Никола Митровиќ Кокан“ – Лесковац, Србија
Здружение „Хрватски авторски стрип“ – Загреб, Хрватска
Creative City Center – Валона, Албанија
Имагинариум Арт Студио – Битола, Македонија
Стрип салонот продолжува со 7. Меѓународна стрип колонија, која ќе се одржува до 25 август во излетничкото место во близина на Велес, со учесници од Србија, Бугарија и Македонија. Манифестацијата уште еднаш го потврди значењето на Велес како центар на стрип културата во регионот, поттикнувајќи креативност и меѓународна соработка меѓу стрип авторите.