Само пет дена пред да ја изврши двојната ликвидација во Велес, кога ја уби својата поранешна девојка Росица Коцева и нејзиниот татко Киро Коцев, а потоа си го одзеде животот, Илија Стефановски добил судска одлука со која му е продолжена мерката забрана за приближување и контакт со жртвата.
Основниот суд Велес на 10 септември донел пресуда со која Стефановски бил огласен за виновен за закани и насилство и му изрекол условна казна затвор од една година и четири месеци. Истовремено, судот ја задржал мерката забрана за приближување до Росица и нејзиниот татко, но ги укинал другите мерки на претпазливост – задолжителното јавување во полиција и ограничувањето на движењето.
Вчера околу 15:30 часот, Стефановски дошол во куќата на Коцеви во Велес. Таму го затекнал само таткото Киро, кого со нож го избодел до смрт. Откако не можела да го добие својот татко на телефон, Росица заедно со својот партнер дошла во домот. Само што влегле внатре, Стефановски веднаш ја нападнал и со повеќе убоди ѝ нанел смртоносни повреди. Таа искрварила на самото место. По злосторството, Стефановски влегол во една од просториите во куќата и со ножот си го одзел животот.
Трагедијата го потресе Велес и повторно ја отвори дилемата колку се ефективни мерките за заштита на жртвите на семејно и партнерско насилство.