Фудбалерите на Борец 1919 продолжуваат со добрите настапи. Велешани на домашен терен славеа победа од 3:1 против Големо Коњари, екипа која минатата сезона настапуваше во Втората лига.
Дека гостите не се дојдени во Велес само да го одработат натпреварот, покажаа уште во втората минута, кога Ерџан Ибраимоски донесе водство за Големо Коњари. Борец 1919 брзо одговори и само десет минути подоцна, во 12. минута, Ангел Гаштев го израмни резултатот на 1:1. Во 40. минута гостите останаа со играч помалку, откако Емир Каришиќ беше исклучен поради удар врз противнички фудбалер без топка.
Одлучувачките моменти се случија во второто полувреме. Во 60. минута Големо Коњари пропушти одлична можност повторно да поведе, кога Цветаноски излезе сам пред голманот Васко Диковски, но не успеа да ја затресе мрежата. Казната стигна веднаш на спротивната страна, кога Пеце Стојанов го постигна голот за целосен пресврт и водство на Борец 1919 од 2:1.
Стојанов беше прецизен и во 75. минута, кога со својот втор погодок на натпреварот ги постави конечните 3:1 и ја потврди победата на велешани. По одиграни девет кола, Борец 1919 се наоѓа на второто место на табелата, веднаш зад лидерот ГФК Победа.




















