Кошаркарите на Борец Баскет го забележаа третиот последователен пораз во првенството, откако во неизвесен натпревар загубија на гостувањето кај Водно Санс со 89:85.
Двете екипи имаа по две добиени четвртини, но клучна се покажа последната, во која домашниот тим направи целосен пресврт. Водно Санс ја доби завршната четвртина со убедливи 29:16, што беше доволно за конечна победа од 89:85.
Трајанов со 29 поени беше најефикасен во победничкиот состав, Сребров постигна 17, додека Лазаров и Миленковиќ мечот го завршија со по 14 поени.
Во редовите на Борец Баскет, Карталовиќ постигна 28 поени, а младиот Коцевски додаде 17. Со овој пораз велешани сега имаат ефект од две победи и три порази (2-3).




















